Псалми 72 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. За Соломон. (Давидов псалм). Боже, дај му го Твоето правосудство на царот и Твојата правда на царскиот син.

2. За да му суди праведно на Твојот народ, на бедните според праведноста!

3. Нека планините му донесат мир на народот, а брежињата правда.

4. Ќе им суди право на угнетуваните, ќе им донесе спасение на децата на бедните, а насилниците ќе ги сотре.

5. Нека се бојат од Тебе, додека трае сонцето, и месечината, низ сите поколенија.

6. Ќе слезе како роса врз тревата, како дожд што ја напојува земјата!

7. Во Негово време ќе цветаат правдата и големиот мир - сè додека постои месечината.

8. И Тој ќе владее од море до море, и од Реката (Еуфрат) до границите на светот.

9. Оние што живеат во пустината, ќе клекнат пред него, и противниците ќе го лижат правот.

10. Царевите на Тарсис и на островите ќе Му донесуваат подароци, владетелите на Арабија и на Сева ќе Му донесуваат данок.

11. Сите владетели ќе Му се поклонуваат, сите народи ќе Му служат.

12. Тој ќе го спаси бедниот што воздивнува, угнетуваниот, што нема помошник;

13. ќе им се смилува на немоќниот и бедниот, и ќе му го спаси животот на страдалецот:

14. Ќе ги ослободи од неправдата и насилствата, зашто нивната крв е скапоцена во неговите очи.

15. Затоа нека живее! Нека Го даруваат со злато од Арабија, нека се молат за Него секогаш и нека Го благословуваат преку цел ден!

16. Нека има изобилство на жито во земјата, класјето по врвовите нека шуми како кедровите Либански! И нека цветаат градските жители како трева на ливадата.

17. Неговото име нека е благословено довека! Неговото име се зголемува. Додека сонцето трае, со Него ќе бидат благословувани сите племиња на земјата, сите народи ќе го наречуваат блажен!

18. Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, Кој единствен твори чудеса!

19. И благословено да е Неговото славно име довека! Нека се исполни целата земја со Неговата слава! Така нека биде. Амин!

20. Со тоа завршуваат молитвите на Јесеевиот син Давид.