Псалми 50 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Асафов псалм. Бог над боговите, Господ, говори и ја вика земјата од изгрејсонце до зајдисонце.

2. Од прекрасниот Сион Бог заблиста:

3. нашиот Бог доаѓа и не молчи. Пред Него врви оган што проголтува, околу Него беснее силна бура.

4. Тој ги повикува одозгоре небесата и земјата, за да му суди на Својот народ:

5. Соберете ги Моите избраници кои со жртва склучија завет со Мене!

6. Небесата ја објавуваат Неговата праведност: Тој е Бог Судија!

7. „Слушај народе мој, Јас ќе зборувам, о Израеле, ќе сведочам против тебе: Јас, Бог - твојот Бог!

8. Не те корам заради твоите жртви - твоите паленици се секогаш пред Мене.

9. Не ќе земам јунец од твојот дом, ни јарци од твоите трла:

10. зашто се Мои сите горски животни, илјади ѕверови по Моите ридишта.

11. Ги знам сите горски птици, Мое е сè што се движи по полињата.

12. Кога би огладнел не би ти рекол, зашто моја е земјата и сè што ја исполнува.

13. Зар јас да јадам биковско месо, или да пијам јаречка крв?

14. Принеси Му на Бога благодарна жртва, исполни ги своите завети на Сèвишниот!

15. И повикај ме во тежок ден: ќе те ослободам, а ти ќе Ме славиш.”

16. А на грешникот Бог му проговара: „Зошто ги толкуваш моите наредби, зошто го ставаш Мојот завет во твојата уста?

17. Ти, кому стегањето не му е пријатно, па моите зборови ги фрлаш зад плеќи?

18. Кога ќе видиш крадец, се побратимуваш со него и се дружиш со прељубници.

19. Својата уста му ја предаде на злото, а твојот јазик плете измами.

20. Во друштво зборуваш против брата си и го клеветиш синот на својата мајка.

21. Сè тоа го правеше, а Јас да молчам? Зар мислиш дека Јас Сум сличен на тебе? Ќе те изобличам и ќе ти го ставам сето тоа пред очи.

22. Сфатете го ова сите вие, кои го заборавивте Бога, да не ве грабнам, и никој не ќе ве избави.

23. Вистински Ме почитува оној што принесува благодарни жртви и на оној кој врви по прави патеки, нему ќе му го покажам Моето спасение.”