15. Но ви пишав, браќа, нешто малку послободно, за да ве потсетам со благодатта што Бог ми ја даде,
16. за да Му бидам служител на Исус Христос меѓу незнабошците и свештенодејствено да го извршувам Божјото Евангелие, за да бидат незнабошците благопријатен принос, осветен од Светиот Дух.
17. И така, со тоа можам да се пофалам во Исус Христос кај Бога,
18. зашто не се осмелувам да говорам за она што Христос не го извршил преку Мене со зборови и дела,
19. со силата на знаци и чуда, со силата на Божјиот Дух, која ги води незнабошците кон послушност во верата, така што Евангелието Христово го распространува од Ерусалим и неговата околина и сѐ до Илирик.
20. И така, се погрижив да го проповедам Евангелието не таму каде што името Христово беше веќе познато, за да не ѕидам врз туѓ темел.
21. Но, како што е напишано: „Оние, на кои не им е јавено за Него, ќе видат; и оние што не беа чуле, ќе разберат.“
22. Токму тоа многупати ме попречуваше да дојдам кај вас.
23. Сега, пак, бидејќи нема веќе место за мојата работа во овие земји, а уште од пред многу години копнеев да дојдам кај вас,
24. кога ќе тргнам за Шпанија, се надевам дека ќе ве видам на минување и дека натаму вие ќе ме испратите, откако најнапред ќе ви се порадувам.
25. А сега одам во Ерусалим за да им послужам на светиите,
26. зашто Македонија и Ахаја одлучија да дадат некаков прилог за сиромашните светии во Ерусалим.
27. Тие така тоа го одлучија, а и должни им се. Бидејќи, ако незнабошците станаа соучесници во нивните духовни блага, тогаш тие се должни ним да им служат со материјални блага.