Римјаните 15:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Ние, силните, должни сме да ги поднесуваме слабостите на не­моќните, и да не си угодуваме на себеси.

2. Секој од нас должен е на својот ближен да му угодува со она што е добро за неговата надградба.

3. Зашто и Христос не си угоди на Се­бе Самиот, туку како што е напи­ша­но: „Подбивите на оние што Ти се подбиваа, паѓаат врз Мене.“

4. А сѐ што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж.

5. А и Бог на трпението и утехата да ви даде да бидете во едномислие меѓу себе, според примерот на Христос Исус,

6. та еднодушно и со една уста да Го славите Бога и Отецот на нашиот Гос­под Исус Христос.

7. Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими, заради славата Божја.

8. Но велам дека Исус Христос стана служител на обрезаните поради Бож­ја­та вистина, за да ги потврди ветувањата дадени на татковците,

9. а, пак, незнабошците да Го прос­ла­ват Бога за милосрдието, како што е на­пишано: „Затоа Те прославувам, Гос­по­ ди, меѓу незнабошците и ќе Го воспеам Твоето име.“

10. И понатаму се вели: „Развеселете се, незнабошци, со Неговиот народ!“

11. И понатаму: „Фалете Го Господа сите незнабошци, и прославете Го, сите народи!“

12. Исаија, исто така вели: „Ќе постои коренот Јесеев и Издигнатиот од него ќе владее над народите; на Него ќе се надеваат народите.“

13. А Бог на надежта нека ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух вашата надеж да се преумножува.

14. И јас сум уверен за вас, браќа мои, дека и вие сте полни со добрина, исполнети со секакво знаење и дека можете да се поучувате еден со друг.

15. Но ви пишав, браќа, нешто малку послободно, за да ве потсетам со благодатта што Бог ми ја даде,

16. за да Му бидам служител на Исус Христос меѓу незнабошците и свеште­но­дејствено да го извршувам Божјото Евангелие, за да бидат незнабошците благопријатен принос, осветен од Све­тиот Дух.

Римјаните 15