13. Вам, незнабошци, ви велам; до колку сум јас апостол на незнабошците, ја прославувам својата служба,
14. та некако да возбудам ревност во својот род по тело, и некого од нив да спасам.
15. Зашто, ако нивното отфрлање значи измирување за светот, тогаш што ли друго ќе значи нивното примање, ако не оживување од мртвите?
16. Ако првиот дел од тестото е свет, тогаш свето е и целото тесто: и ако е коренот свет, свети се и гранките.
17. Ако, пак, некои од гранките се скршени, а ти, кој си дива маслинка, си бил прикалемен на нивното место и си станал заедно со нив соучесник во сочниот корен на маслинката,
18. не биди горделив пред гранките! А ако сепак, се возгордееш, треба да знаеш дека ти не го држиш коренот, туку коренот тебе!
19. Но ти тогаш ќе кажеш: гранките беа откршени за да бидам јас прикалемен.
20. Добро. Тие поради неверие беа откршени, а ти поради вера се држиш: немој да бидеш горделив, туку имај страв.
21. Зашто, ако Бог не ги поштедил природните гранки, нема ни тебе да те поштеди.
22. Гледај ја, пак, Божјата благост и строгост: строгост кон отпаднатите, а благост кон тебе, ако издржиш во благоста; во спротивно, и ти ќе бидеш отсечен.
23. Но, тие, ако не останат во неверието, ќе бидат прикалемени, зашто Бог има моќ пак да ги прикалеми.
24. Зашто, ако си ти откинат од маслинка која е по природа дива, и против природата си прикалемен на питома маслинка, тогаш колку полесно ќе бидат прикалемени на својата маслинка оние кои по природа потекнуваат од неа.
25. Сакам, браќа, за да не си помислите во себе дека сте мудри, да ја знаете оваа тајна: дека закоравувањето само со еден дел падна врз Израил, додека да настапи потполноста на незнабошците.
26. И така целиот Израил ќе биде спасен, како што е напишано: „Ќе дојде од Сион Ослободителот и ќе ја одврати безбожноста од Јаков.
27. И тоа им е ним завет од Мене кога ќе ги одземам нивните гревови.“
28. Со оглед на Евангелието, тие се непријатели Божји поради вас; но со оглед на изборот, тие се возљубени од Бога заради татковците,
29. зашто даровите и повикот Божји се неотповикливи.