1. И затоа, ви велам: Зар Бог го отфрли Својот народ? Никако! Зашто и јас сум Израилец, од семето Авраамово, од коленото Венијаминово.
2. Бог не го отфрли Својот народ, кој однапред го одбра. Или, пак, не знаете што кажува Писмото за Илија, како тој Му се пожали на Бог Израилев, велејќи:
3. „Господи, ги убија пророците Твои и ги раскопаа жртвениците Твои; јас останав сам, и сакаат да ми ја земат душата.“
4. А како му вели Божјиот одговор: „Си оставив седум илјади мажи, кои не ги свиткаа колената пред Ваал.“
5. Така и во сегашно време има еден остаток избран по благодат.
6. Но, ако е по благодат, не е веќе по дела, зашто тогаш благодатта не би била благодат. Ако, пак, е по дела, тоа веќе не е благодат; зашто инаку делото не би било веќе дело.
7. И што тогаш? Израил не го доби она што го бараше; избраните, пак, го добија, а другите се закоравија,
8. како што е напишано: „Бог им даде дух што не чувствува: очи да не гледаат и уши да не слушаат, сѐ до денешниов ден.“
9. И Давид вели: „Трпезата нивна да им биде стапица, клопка, соблазна и отплата;
10. да им се замрачат очите нивни за да не гледаат, и грбот нивни да им се свитка засекогаш.“
11. Ви велам пак: зар се сопнаа за да паднат? Не! Но со нивниот престап дојде спасението за незнабошците, за да се возбуди во нив ревност.