14. Но како да Го повикаат Оној во Кого не поверувале? Како, пак, да поверуваат во Оној за Кого не слушнале? А како да слушнат, ако нема кој да проповеда?
15. И како да проповедаат, ако не бидат испратени, како што е напишано: „Колку им се прекрасни нозете на оние, што благовестат мир, што го благовестат доброто.“
16. Но Евангелието сите не го послушаа. Зашто Исаија вели: „Господи, кој поверува во она што го проповедавме?“
17. Затоа, верата доаѓа од слушањето на пораката, а пораката – од Божјото слово.
18. Но велам: зар тие не слушнаа? Напротив. „Гласот им се разнесе по целата земја, и зборовите нивни – до краиштата на вселената.“
19. Пак велам: зар Израил не разбра? Најнапред Мојсеј кажа: „Јас ќе ве раздразнам до љубомора со оние кои не се народ; со неразумен народ ќе ве разгневам.“
20. А Исаија се осмели да каже: „Ме најдоа оние кои не Ме бараа, им се открив на оние, кои не прашаа за Мене.“
21. За Израил, пак, вели: „Постојано ги подавав рацете Свои кон народ непослушен и бунтовен.“