1. Затруби и петтиот ангел, и видов ѕвезда како падна од небото на земјата. И ѝ беше даден клучот од кладенецот на бездната;
2. па го отвори кладенецот на бездната, и од кладенецот излезе дим како дим од голема печка; сонцето и воздухот потемнеа од димот на изворот.
3. И од димот се појавија скакулци по земјата, и им се даде власт, каква што имаат земните скорпии.
4. И им се рече да не ја повредуваат тревата по земјата, ниту какво и да било зеленило, ниту некое дрво, а само оние луѓе, кои немаат печат Божји на челата свои.
5. И им се даде не да ги убиваат, туку само да ги мачат пет месеци; и мачењето нивно беше како мачење од скорпија, кога ќе касне човек.
6. Во тие дни луѓето ќе ја бараат смртта, но нема да ја најдат; ќе посакаат да умрат, но смртта ќе бега од нив.
7. По својот облик скакулците личеа на коњи приготвени за војна: на главите нивни имаше нешто слично на златни венци, а лицата им беа како лица човечки;
8. имаа коси како косите на жени, а забите им беа како заби на лавови.
9. И имаа оклопи како оклопи од железо; а шумот на нивните крилја беше како шум на коли со многу коњи кога трчаат во војна.
10. Имаа, пак, опашки како скорпиите, а на опашките осила и им беше дадена сила да им пакостат на луѓето пет месеци.