Откровение 2:14-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

14. Но за неколку работи сум против тебе, зашто имаш таму некои што го држат учењето на Валаам, кој го учеше Валака да ги наведе на грев синовите Израилеви, та да јадат жртви идолски и да блудствуваат.

15. А имаш и некои што го држат уче­њето на николаитите, кое го мразам.

16. Покај се! Ако, пак, не, скоро ќе ти дојдам и ќе стапам во борба против нив со мечот на устата Своја.

17. Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите: на оној што по­бе­дува ќе му дадам да јаде од сокриената мана и ќе му дадам бело камче и на камчето напишано ново име, што никој не го знае, освен оној, што го добива!

18. И на ангелот на Тиатирската црква напиши му: ова го вели Синот Божји, Чии очи се како огнен пламен, а нозете слични на усвитена бронза:

19. ги знам твоите дела, и љубовта, и службата, и верата, и служењето, и трпението твое, и дека твоите последни дела се побројни од првите.

20. Но за ова сум лут на тебе, зашто позволуваш жената Језавела, која себе се нарекува пророчица, да ги учи и ма­ми слугите Мои да блудствуваат и да ја­дат идолски жртви.

21. А ѝ дадов време да се покае за блудството свое, но таа не се покаја.

22. Ете, неа ја фрлам на постела, и оние што блудствуваа со неа, во маки големи – ако не се покаат за делата свои.

23. И чедата нејзини ќе ги казнам со смрт, и сите цркви ќе дознаат дека Јас сум Оној Кој ги истражува срцата и бубрезите; и секому од вас ќе му дадам според делата негови.

24. А вам и на другите во Тиатир, што не го држат тоа учење и не ги запознаа таканаречените ‚длабочини сатански‘, ви велам: нема да ви наложам друго бреме.

25. Но држете го само она што го има­те, додека не дојдам.

26. И кој победува и ги пази делата Мои до крај, нему ќе му дадам власт над незнабошците,

27. и ќе ги пасе со железен жезол; и тие ќе се строшат како земјени садови.

28. Како што и Јас примив власт од Својот Отец, нему ќе му ја дадам ѕвездата Деница.

29. Па, кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите.

Откровение 2