8. Јас сум Алфа и Омега, почеток и крај – вели Господ, Кој е, Кој беше, и Кој иде, Седржителот.
9. Јас, Јован, вашиот брат и соучесник во скрбта и во царството и во трпението на Исус, бев на островот, наречен Патмос, заради словото Божјо и заради сведоштвото на Исус.
10. Во Господовиот ден бев понесен од Духот и зад себе чув силен глас како од труба,
11. кој велеше: „Јас сум Алфа и Омега, првиот и последниот. Тоа што ќе го видиш, напиши го во книга и испрати го до седумте Цркви, што се во Азија: во Ефес и во Смирна, во Пергам и во Тиатир, во Сард, во Филаделфија и во Лаодикија!“
12. И се свртев за да го видам гласот што зборуваше со мене; и штом се свртев, видов седум златни свеќници,
13. а сред седумте свеќници еден, како Синот Човечки, облечен во долга облека до нозете и околу градите препашан со златен појас;
14. главата и косата Му беа бели како бела волна, како снег, а очите Негови – како огнен пламен;
15. нозете Негови – слични на усвитена бронза, како во печка вжарена, а гласот Негов – како шум од многу води.
16. Во Својата десна рака Тој држеше седум ѕвезди, а од Неговата уста излегуваше меч со две острици; лицето Негово светеше како што сонцето сјае во полна сила.
17. Штом Го видов, паднав пред Неговите нозе како мртов. Тој ја стави Својата десна рака врз мене и ми рече: „Не плаши се! Јас сум Првиот и Последниот
18. и Живиот. Бев мртов, и ете, жив сум за сите векови и ги имам клучевите од адот и смртта.
19. И така напиши што виде, што е и што има да стане по тоа.
20. Ова е тајната на седумте ѕвезди што ги виде во Мојата десница, а на седумте златни свеќници: седумте ѕвезди се ангелите на седумте цркви – а седумте свеќници, што ги виде, тоа се седумте цркви.“