23. И кога дојде Исус во куќата на началникот и ги виде свирачите и народот вознемирени,
24. им рече: „Излезете надвор, зашто девојката не е умрена, туку спие.“ А тие Му се потсмеваа.
25. Но штом го истера народот, Тој влезе, ја фати девојката за рака и таа стана.
26. И се расчу тоа по целата таа земја.
27. А кога Исус си одеше оттаму, тргнаа по него двајца слепи и викаа: „Смилувај ни се, сине Давидов!“
28. А штом дојде в куќи, слепите пријдоа до Него. И Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?“ Тие Му рекоа: „Да, Господи!“
29. Тогаш се допре до очите нивни и рече: „Нека ви биде според верата ваша!“
30. И очите им се отворија; а Исус им заповеда велејќи: „Гледајте, никој да не дознае!“
31. А тие, штом излегоа, разгласија за Него по целата таа земја.
32. Додека тие излегуваа, ете, кај Него доведоа еден човек нем и бесомачен.
33. По изгонувањето на демонот, немиот проговори. А народот се чудеше и говореше: „Никогаш такво нешто не станало во Израил.“
34. А фарисеите велеа: „Тој ги изгонува демоните преку началникот на демоните.“
35. И одеше Исус по сите градови и села и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието за царството и лекуваше секаква болест и секаква немоќ во народот.
36. А штом виде многу народ, се сожали над нив, зашто беа изморени и напуштени како овци без пастир.
37. Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а работниците се малку;
38. Затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва.“