22. Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си без причина, виновен е пред судот; а оној што ќе го нарече брата си ‚празноглав‘, виновен е пред Синедрионот; оној, пак, што ќе рече ‚будала‘, виновен е за во пеколот.
23. И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе,
24. тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот свој.
25. Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него, за да не те предаде противникот на судијата, а судијата – на слугата и да бидеш фрлен в затвор;
26. вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, сѐ додека не ја дадеш и последната пара.“
27. „Сте слушале дека на старите им било речено: ‚Не прељубодејствувај!‘
28. Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба кон неа, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое.
29. Ако те соблазнува десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро ти е да погине еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот.
30. И десната рака, ако те соблазнува, исечи ја и фрли ја од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.“
31. „Речено било исто така: ‚Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.‘
32. А Јас пак ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој ќе се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува.“
33. „Сте го слушале уште и тоа дека им било речено на старите – ‚Не колни се лажно, а заклетвите пред Господ исполнувај ги.‘
34. Јас, пак, ви велам: не колнете се воопшто – ниту во небото, зашто тоа е престол Божји;
35. ниту во земјата, зашто таа е подножје на нозете Негови; ниту во Ерусалим, зашто е град на великиот Цар.