Матеј 3:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Во тие дни дојде Јован Крстител, кој проповедаше во Јудејската пустина

2. и говореше: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно.“

3. Зашто ова е Оној за Кого говореше пророкот Исаија, кој вели: „Гласот на оној, што вика во пустината: ‚Подгответе го патот на Господа и исправете ги патеките Негови!‘“

4. А Јован имаше облека од камилски влакна и кожен појас околу слабините, а храната му се состоеше од скакулци и див мед.

5. Тогаш од Ерусалим и цела Јудеја и од целиот Јордански крај доаѓаа кај него

6. и се крштеваа од него во Јордан, исповедајќи ги своите гревови.

7. А штом виде Јован дека кај него доаѓаат мнозина фарисеи и садукеи за да се крстат, им рече: „Породи змиини! Кој ви кажа да бегате од гневот што иде?

8. Направете плод достоен за покајание

9. и немојте да говорите во себе: ‚Наш татко е Авраам‘, зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да му подигне чеда на Авраам.

10. Секирата веќе лежи до коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.

Матеј 3