Матеј 26:64-73 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

64. Исус му одговори: „Ти рече! Но, јас ви велам: отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.“

65. Тогаш првосвештеникот ја раскина облеката своја и рече: „Овој хули на Бога! Каква потреба имаме повеќе од сведоци? Ете, сега го чувте Неговото хулење!

66. Што мислите?“ А тие одговорија и рекоа: „Заслужува смрт!“

67. Тогаш Го плукаа в лице и Го тепаа, а други Го удираа по образите

68. и говореа: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?“

69. А Петар седеше надвор во дворот. И му пријде една слугинка и му рече: „И ти беше со Исус Галилеецот!“

70. Но тој се одрече пред сите, велејќи: „Не знам што зборуваш!“

71. А кога одеше кон вратата, го виде друга и им рече на оние што беа таму: „И овој беше со Исус од Назарет!“

72. Но тој пак се одрече со заклетва: „Не Го познавам Човекот!“

73. Малку потоа се приближија оние што стоеја таму и му рекоа на Петар: „Навистина, и ти си од нив, зашто и говорот твој те издава!“

Матеј 26