43. Кога дојде, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале.
44. Откако ги остави, отиде и се помоли по третпат, изговарајќи ги истите зборови.
45. Тогаш пак дојде кај учениците Свои и им рече: „Сѐ уште спиете и почивате! Ете, наближи часот и Синот Човечки се предава во рацете на грешниците.
46. Станете, да одиме! Ете, се приближува оној што Ме предава.“
47. Додека Тој уште говореше, ете, Јуда, еден од дванаесетмината, дојде, и со него многу луѓе со мечеви и стапови, испратени од првосвештениците и старешините народни.
48. А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Фатете Го Тој што ќе го целивам!“
49. И веднаш му пријде на Исус и Му рече: „Те поздравувам, Рави!“ И Го целива.
50. А Исус му рече: „Пријателе, зошто си дошол?“ Тогаш пристапија, положија раце на Исус и Го фатија.
51. И ете, еден од оние што беа со Исус, протегна рака и го извади ножот свој, па го удри слугата на првосвештеникот, и му го отсече увото.
52. Тогаш Исус му рече: „Врати го ножот на неговото место. Зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат;
53. или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели?
54. Но, како ќе се исполнат Писмата, ако ова не стане?“