Матеј 24:17-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

17. кој е на покрив нека не слегува да земе нешто од куќата своја;

18. и кој е на нива, нека не се враќа назад за да ги земе алиштата свои!

19. Но тешко на бремените и на доилките во тие дни!

20. Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме или во сабота;

21. зашто тогаш ќе има голема неволја, каква што немало од почетокот на светот па досега, ниту, пак, ќе има.

22. И ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни.

23. Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, овде е Христос‘ или ‚таму е‘ – не верувајте!

24. Зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, и избраните.

25. Ете, однапред ви кажав.

26. И така, ако ви речат: ‚Ете, Тој е во пустината‘ – не излегувајте; или, ‚ете, во скришните одаи е‘ – не верувајте!

27. Зашто, како што молњата излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки.

28. Зашто, каде што е мршата, таму се собираат и орлите.“

29. „И веднаш, по маките на тие дни, сонцето ќе се помрачи и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвезди ќе паѓаат од небото, и силите небески ќе се разнишаат.

30. Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе заплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на небесните облаци, со сила и голема слава;

31. и ќе ги испрати Своите ангели со силен трубен глас, и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата.“

Матеј 24