12. и бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади.
13. А кој ќе издржи до крај, тој ќе биде спасен.
14. И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.“
15. „Па така, штом го видите гнасниот пустошник како стои на светото место, за која зборува пророкот Даниил – кој чита нека разбере,
16. тогаш оние, што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат по планините;
17. кој е на покрив нека не слегува да земе нешто од куќата своја;
18. и кој е на нива, нека не се враќа назад за да ги земе алиштата свои!
19. Но тешко на бремените и на доилките во тие дни!
20. Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме или во сабота;
21. зашто тогаш ќе има голема неволја, каква што немало од почетокот на светот па досега, ниту, пак, ќе има.
22. И ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни.
23. Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, овде е Христос‘ или ‚таму е‘ – не верувајте!
24. Зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, и избраните.
25. Ете, однапред ви кажав.
26. И така, ако ви речат: ‚Ете, Тој е во пустината‘ – не излегувајте; или, ‚ете, во скришните одаи е‘ – не верувајте!
27. Зашто, како што молњата излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки.
28. Зашто, каде што е мршата, таму се собираат и орлите.“
29. „И веднаш, по маките на тие дни, сонцето ќе се помрачи и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвезди ќе паѓаат од небото, и силите небески ќе се разнишаат.
30. Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе заплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на небесните облаци, со сила и голема слава;
31. и ќе ги испрати Своите ангели со силен трубен глас, и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата.“