Матеј 23:6-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

6. сакаат прво место на гозбите и предни места во синагогите,

7. и поздрави по улиците, и да ги викаат луѓето ‚Рави!‘

8. А вие немојте да се нарекувате ‚Рави‘, зашто еден е вашиот Учител – Христос, а вие сте сите браќа.

9. И никого на земјата не викајте го свој Татко, зашто еден е вашиот Татко – Оној, Кој е на небесата;

10. и наставници немојте да се нарекувате, зашто еден е вашиот Наставник – Христос.

11. Но, најголемиот меѓу вас да ви биде слуга;

12. зашто, кој се воздигнува, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат.“

13. „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; зашто, ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние што сакаат да влезат.

14. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги подјадувате домовите на вдовиците и лицемерно долго се молите; заради тоа ќе добиете поголема осуда.

15. Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, зашто обиколувате по море и по копно за да добиете еден следбеник, и кога тоа ќе се случи, тогаш го правите син на пеколот, двојно поголем од вас.

16. Тешко вам, водачи слепи, кои велите: ‚Ако се заколне некој во храмот, не е ништо; но ако се заколне некој во златото на храмот, виновен е.‘

17. Безумни и слепи! Што е поголемо: златото или храмот којшто го осветува златото?

18. Исто така велите: ‚Ако некој се заколне во жртвеникот, ништо не е; но, ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е.‘

19. Безумни и слепи! Што е посвето: дарот или жртвеникот што го осветува дарот?

20. А кој ќе се заколне во жртвеникот, се колне во него и во сѐ што е врз него;

21. и кој ќе се заколне во храмот, се колне во него и во Оној Кој живее во него;

22. и кој ќе се заколне во небото, се колне во престолот Божји и во Оној, што седи на него.

23. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто давате десеток од нане, копра и ким, а сте го оставиле најважното во Законот: праведноста, милоста и верата; ова требаше да го правите, а и она да не го оставате.

Матеј 23