5. Но тие го пренебрегнаа тоа и си отидоа: едни на нива, други по трговијата своја;
6. а останатите, пак, ги фатија неговите слуги, ги исмејаа и ги убија.
7. Штом чу за тоа царот, се налути, испрати своја војска и ги погуби убијците и им го запали нивниот град.
8. Тогаш им рече на слугите свои: ‚Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни.
9. Затоа одете по крстопатите и колкумина ќе најдете, поканете ги на свадба!‘
10. И излегоа слугите по патиштата, ги собраа сите што ги најдоа – и лоши и добри; и се наполни свадбениот дом со гости.
11. Кога влезе царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбена облека.
12. Па му рече: ‚Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена облека?‘ А тој молчеше.
13. Тогаш царот им рече на слугите: ‚Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби!‘
14. зашто, мнозина се повикани, а малкумина избрани.“
15. Тогаш фарисеите отидоа и се советуваа како да Го фатат во некој збор.
16. И ги испраќаа кај Него своите ученици, заедно со некои Иродовци, кои Му говореа: „Учителе, знаеме дека си вистинит и навистина ги учиш луѓето на патот Божји, и не се плашиш од никого, зашто не гледаш кој е кој;
17. затоа кажи ни; што мислиш: треба ли да се дава данок на царот или не?“
18. Но Исус го проѕре лукавството нивно и рече: „Што Ме искушувате, лицемери?
19. Покажете Ми ја даночната пара.“ Тие Му донесоа еден денариј.
20. И им рече: „Чиј е овој лик и натпис?“
21. Тие одговорија: „На царот.“ Тогаш им рече: „Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!“