Матеј 21:8-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

8. А мнозина од народот ги постилаа по патот облеките свои; други, пак, сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот;

9. а народот што врвеше пред Него и по Него, викаше велејќи: „Осана на Синот Давидов! Благословен е Оној што доаѓа во името Господово! Осана во висините!“

10. И кога влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи, велејќи: „Кој е овој?“

11. А народот говореше: „Овој е Исус, пророкот од Назарет галилејски.“

12. И влезе Исус во храмот Божји и ги истера сите што продаваа и купуваа во храмот, ги растури масите на менувачите и столовите на оние што продаваа гулаби,

13. и им рече: „Напишано е: ‚Домот Мој нека се нарече дом за молитва‘, а вие го направивте разбојничка пештера.“

14. И дојдоа кај Него во храмот куци и слепи, и Тој ги излекува.

15. А првосвештениците и книжниците, кога ги видоа чудата што ги направи, и слушајќи ги децата како викаат во храмот и велат: „Осана на Давидовиот Син!“, негодуваа,

16. и му рекоа: „Слушаш ли што велат тие?“ А Исус им рече: „Да! Зар никогаш не сте читале: ‚Од устата на новороденчиња и од доенчиња Ти си приготвил пофалба?‘“

17. И кога ги остави, излезе надвор од градот, во Витанија, и таму преноќи.

18. А утредента, враќајќи се во градот, огладне;

19. и виде покрај патот смоква, па отиде до неа; откако не најде на неа ништо освен лисја, рече: „Од сега да нема плод на тебе довека!“ И смоквата веднаш се исуши.

Матеј 21