Матеј 13:34-53 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

34. Сето ова му го зборуваше Исус на народот во параболи и без параболи не им говореше ништо;

35. за да се исполни реченото преку пророкот кој вели: „Со параболи ќе ја отворам устата Своја; ќе ги искажам тајните од создавањето на светот.“

36. Тогаш Исус го остави народот и влезе во една куќа. А учениците Му пристапија и Му рекоа: „Протолкувај ни ја параболата за каколот на нивата!“

37. А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки.

38. Нивата е светот; доброто семе се синовите на царството, а каколот – синовите на лукавиот;

39. Непријателот, пак, што го посеа, е ѓаволот; жетвата е крајот на светот, а жетварите се ангелите.

40. И така, како што се собира каколот и се гори во оган, така ќе биде и при крајот на овој свет.

41. Ќе испрати Синот Човечки Свои ангели и ќе ги соберат сите соблазни од Неговото царство, и оние што вршат беззаконие,

42. и ќе ги фрлат во вжарена печка; таму ќе има плач и крцкање со заби.

43. Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонце во царството на нивниот Отец. Кој има уши да слуша, нека чуе!“

44. „Царството небесно прилега уште и на богатство сокриено во нива, кое го нашол човек и сокрил, па, од радост за него, оди и продава сѐ што има, и ја купува таа нива.“

45. „Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери;

46. па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има и го купува.“

47. „Царството небесно прилега уште и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби;

48. и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат надвор.

49. Така ќе биде и при крајот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните,

50. и ќе ги фрлат во огнена печка: таму ќе има плач и крцкање со заби.“

51. И ги праша Исус: „Дали го разбравте сето ова?“ Тие Му рекоа: „Да, Господи!“

52. А Тој им рече: „Затоа секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од својата ризница ново и старо.“

53. И, откако ги кажа Исус овие параболи, си замина оттаму.

Матеј 13