43. „Кога нечистиот дух ќе излезе од човекот, минува преку безводни места, барајќи спокој и не го наоѓа;
44. тогаш ќе рече: ‚Да се вратам во мојот дом, откаде што излегов.‘ И штом дојде го наоѓа празен, изметен и уреден.
45. Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат, таму и ќе живеат; и последната состојба на тој човек станува полоша од првата. Така ќе биде и со овој зол род.“
46. И додека му зборуваше на народот, ете, мајка Му и браќата Негови стоеја надвор и сакаа да зборуваат со Него.
47. Некој Му кажа: „Ете, мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе.“
48. Тој му одговори на оној што Му кажа и рече: „Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?“