36. И ви велам дека за секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден;
37. зашто поради зборовите свои ќе бидеш оправдан, и поради зборовите свои ќе бидеш осуден.“
38. Тогаш некои од книжниците и фарисеите одговорија и рекоа: „Учителе, сакаме да видиме знак од Тебе!“
39. А Тој им одговори и рече: „Лукав и прељуботворен род бара знак; но нема да му се даде знак освен знакот на пророкот Јона;
40. зашто, како што Јона беше во утробата на китот три дни и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи.
41. Ниневјаните ќе излезат на суд со овој род и ќе го осудат, зашто тие се покајаа од проповедта на Јона; а ете, тука има поголем од Јона.
42. И царицата јужна ќе излезе на суд со овој род и ќе го осуди; зашто таа дојде од крајот на земјата за да ја чуе мудроста на Соломон, но ете, тука е многу поголем од Соломон.“
43. „Кога нечистиот дух ќе излезе од човекот, минува преку безводни места, барајќи спокој и не го наоѓа;
44. тогаш ќе рече: ‚Да се вратам во мојот дом, откаде што излегов.‘ И штом дојде го наоѓа празен, изметен и уреден.
45. Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат, таму и ќе живеат; и последната состојба на тој човек станува полоша од првата. Така ќе биде и со овој зол род.“
46. И додека му зборуваше на народот, ете, мајка Му и браќата Негови стоеја надвор и сакаа да зборуваат со Него.
47. Некој Му кажа: „Ете, мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе.“