Матеј 12:34-50 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

34. Породи змиини! Како можете да говорите добро, кога сте лоши? Зашто од преполнетото срце зборува устата.

35. Добриот човек од добрата ризница изнесува добрини, а лошиот човек од лошата ризница изнесува лошотии.

36. И ви велам дека за секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден;

37. зашто поради зборовите свои ќе бидеш оправдан, и поради зборовите свои ќе бидеш осуден.“

38. Тогаш некои од книжниците и фарисеите одговорија и рекоа: „Учителе, сакаме да видиме знак од Тебе!“

39. А Тој им одговори и рече: „Лукав и прељуботворен род бара знак; но нема да му се даде знак освен знакот на пророкот Јона;

40. зашто, како што Јона беше во утробата на китот три дни и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи.

41. Ниневјаните ќе излезат на суд со овој род и ќе го осудат, зашто тие се покајаа од проповедта на Јона; а ете, тука има поголем од Јона.

42. И царицата јужна ќе излезе на суд со овој род и ќе го осуди; зашто таа дојде од крајот на земјата за да ја чуе мудроста на Соломон, но ете, тука е многу поголем од Соломон.“

43. „Кога нечистиот дух ќе излезе од човекот, минува преку безводни места, барајќи спокој и не го наоѓа;

44. тогаш ќе рече: ‚Да се вратам во мојот дом, откаде што излегов.‘ И штом дојде го наоѓа празен, изметен и уреден.

45. Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат, таму и ќе живеат; и последната состојба на тој човек станува полоша од првата. Така ќе биде и со овој зол род.“

46. И додека му зборуваше на народот, ете, мајка Му и браќата Негови стоеја надвор и сакаа да зборуваат со Него.

47. Некој Му кажа: „Ете, мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе.“

48. Тој му одговори на оној што Му кажа и рече: „Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?“

49. И покажувајќи со рака на учениците Свои рече: „Еве ја Мојата мајка и еве ги Моите браќа!

50. Зашто кој ја исполнува волјата на Мојот Отец, Кој е на небесата, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.“

Матеј 12