Матеј 12:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Во тоа време, една сабота, Исус минуваше преку нивјето, а учениците Негови огладнеа, па почнаа да кинат класје и да јадат.

2. Фарисеите, штом го видоа тоа, Му рекоа: „Ете, учениците Твои прават што не е допуштено во сабота!“

3. А Тој им рече: „Не сте ли читале што направи Давид, кога огладне тој и оние што беа со него?

4. Како влезе во домот Божји, ги изеде лебовите на предложението, што не требаше да ги јаде ниту тој, ниту оние што беа со него, туку само свештениците.

5. Или, не сте ли читале во Законот дека во сабота свештениците ја нарушуваат саботата и пак не се виновни?

6. Но Јас ви велам дека тука е Оној Кој е поголем од храмот;

7. и, ако знаевте што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘, немаше да ги осудувате невините;

8. Зашто Синот Човечки е господар и на саботата.“

9. И штом замина оттаму, дојде во синагогата нивна.

10. И ете, таму беше еден човек, кој имаше исушена рака. И за да Го обвинат, Го прашаа, велејќи: „Допуштено ли е во сабота да се лекува?“

11. А Тој им рече: „Кој е тој од вас, ако има една овца и таа падне во сабота во јама, што не ќе ја прифати и извади?

12. А колку ли, пак, човекот е поскап од една овца!? И така во сабота е допуштено да се прави добро.“

13. Тогаш му рече на човекот: „Испружи ја раката!“ И тој ја испружи. И таа стана здрава како и другата.

14. А фарисеите, штом излегоа, се договорија како да Го погубат. Но Исус кога разбра, замина оттаму.

Матеј 12