23. Ако ве бркаат од еден град, бегајте во друг. Зашто, вистина, ви велам: нема да ги обиколите израилевите градови додека дојде Синот Човечки.
24. Нема ученик поголем од својот учител, ниту слуга – поголем од својот господар;
25. Доста е за ученикот да биде како неговиот учител и на слугата како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекле Велзевул, тогаш колку повеќе неговите домашни!?“
26. „И така, не плашете се од нив; зашто нема ништо сокриено што не ќе се открие, или тајно, што нема да се дознае.
27. Тоа што ви го говорам во темнина, кажете го на видело; и она што ви се шепоти, разгласувајте го од покривите!
28. И не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку плашете се повеќе од Оној Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот!
29. Не се продаваат ли две врапчиња за еден денар? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на вашиот Отец.
30. А вам и влакната на главата ви се изброени.
31. Но не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња.“
32. „И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред мојот Отец, Кој е на небесата.
33. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец, Кој е на небесата.“