28. И кога влезе Исус во една куќа, учениците Негови Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го истераме?“
29. И им рече: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.“
30. И кога излегоа оттаму, минуваа преку Галилеја; и Тој не сакаше некој да разбере.
31. Зашто ги учеше учениците Свои и им велеше дека Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат, и на третиот ден по убивањето ќе воскресне.
32. Но тие не ги разбираа овие зборови, а се плашеа да Го прашаат.
33. И дојде во Капернаум; и кога беше дома, ги праша: „Што се расправавте меѓу себе патем?“
34. А тие молчеа, зашто патем се расправаа меѓу себе, кој е најголем.
35. Тој седна и ги повика дванаесетмината, па им рече: „Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на – сите!“
36. И тогаш зеде едно дете, го постави меѓу нив, го прегрна и им рече:
37. „Кој прима едно од ваквите деца во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Ме прима Мене, туку Оној, Кој Ме пратил.“
38. Тогаш Јован Му одговори и рече: „Учителе, видовме еден, кој не врви по нас, а во Твое име демони изгонува, а не врви по нас; и му забранивме, зашто не оди по нас.“