22. И ете, дојде еден од старешините на синагогата, по име Јаир; па, штом Го виде, падна пред нозете Негови
23. и усрдно Го молеше многу, говорејќи: „Ќерка ми е на умирање; дојди и положи ги рацете над неа, за да оздрави и биде жива!“
24. И појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа.
25. Една жена, што боледуваше од крвотечение дванаесет години,
26. и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сѐ што имала и без никаква полза, а ѝ станало дури уште полошо,
27. штом чу за Исус, дојде меѓу народот одзади и се допре до облеката Негова;
28. зашто си велеше: „Само ако се допрам до облеките Негови, ќе оздравам.“
29. И веднаш престана крвотечението, и таа осети во телото свое дека е излекувана од болеста.
30. А Исус одеднаш почувствува во Себе како излезе сила од Него и се сврте кон народот и рече: „Кој се допре до облеката моја?“
31. Учениците Негови Му рекоа: „Гледаш дека народот Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘“
32. Но Тој гледаше наоколу, за да ја види онаа, што го направи тоа.