22. Зашто нема ништо тајно, што не ќе стане јавно; ниту пак, нешто сокриено, што нема да излезе на видело.
23. Ако некој има уши да слуша, нека чуе!“
24. И им велеше: „Внимавајте на она што слушате: со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придодаде, вам што слушате.
25. Зашто, кој има, нему ќе му се даде; а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има.“
26. Па рече: „Царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја,
27. па спие, и станува ноќе и дење; а како никнува и како расте семето, тој не знае.
28. Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред стебленце, па клас, а потоа и полно зрно во класот.
29. А кога ќе узрее плодот, веднаш испраќа срп, зашто дошло времето за жетва.“
30. И говореше: „Со што да го споредиме царството Божјо или со каква парабола да го прикажеме?
31. Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее в земја, е помало од сите земни семиња;
32. а кога ќе се посее, израснува и станува поголемо од сите зеленчуци, и пушта големи гранки, така што под неговата сенка можат да се вгнездат птиците небески.“
33. И со многу такви параболи им го проповедаше словото, колку што можеа да слушаат.
34. И без параболи не им говореше, а на учениците Свои насамо сѐ им објаснуваше.
35. Тој ден вечерта им рече: „Да минеме на спротивната страна!“
36. И кога го отпуштија народот, учениците Го зедоа, како што беше во коработ, а и други кораби беа со нив.
37. И се подигна бурен ветер, и брановите се префрлуваа во коработ, така што тој веќе се полнеше.
38. Тој, пак, беше на кормилото и спиеше на возглавница; Го разбудија и Му рекоа: „Учителе, зар не Ти е грижа што загинуваме?“
39. А Тој стана, му заповеда на ветрот и му рече на морето: „Замолкни, престани!“ И ветрот стивна, и настана голема тишина.