8. И кога извика народот, почна да го моли Пилат да им го направи она, што секогаш го правеше.
9. А тој им одговори и рече: „Сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?“
10. Зашто знаеше дека првосвештениците Го беа предале од завист.
11. Но првосвештениците го наговорија народот да бара да им го пушти Варава.
12. Пилат пак им одговори и рече: „Што сакате да направам со Оној, што Го нарекувате Цар Јудејски?“
13. Тие одново извикаа, велејќи: „Распни Го!“
14. Пилат им рече: „Какво зло направил?“ Но тие уште посилно извикаа: „Распни Го!“
15. Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава, а Исуса Го камшикуваше и Го предаде да Го распнат.
16. Војниците, пак, Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и повикаа цела чета,
17. па Му облекоа багреница, и откако сплетоа трнов венец, Му го кладоа на главата;
18. и почнаа да Го поздравуваат: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“
19. И Го удираа по главата со трска и плукаа на Него, Му се поклонуваа, паѓајќи на колена.
20. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ја облекоа Неговата облека и Го поведоа да Го распнат.
21. И го натераа еден минувач, некој си Симон Киринеец, таткото на Александар и на Руф, кој се враќаше од поле, да Му го носи крстот.
22. Па Го доведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи.
23. И Му дадоа да пие вино со смирна, но Тој не зеде.
24. И откако Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка за нив, кој што да земе.
25. Беше третиот час, и Го распнаа.
26. И имаше натпис за вината Негова: „Цар Јудејски.“
27. А со Него распнаа и два разбојника, едниот од десната, а другиот од левата Негова страна.