10. Зашто знаеше дека првосвештениците Го беа предале од завист.
11. Но првосвештениците го наговорија народот да бара да им го пушти Варава.
12. Пилат пак им одговори и рече: „Што сакате да направам со Оној, што Го нарекувате Цар Јудејски?“
13. Тие одново извикаа, велејќи: „Распни Го!“
14. Пилат им рече: „Какво зло направил?“ Но тие уште посилно извикаа: „Распни Го!“
15. Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава, а Исуса Го камшикуваше и Го предаде да Го распнат.
16. Војниците, пак, Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и повикаа цела чета,
17. па Му облекоа багреница, и откако сплетоа трнов венец, Му го кладоа на главата;
18. и почнаа да Го поздравуваат: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“
19. И Го удираа по главата со трска и плукаа на Него, Му се поклонуваа, паѓајќи на колена.
20. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ја облекоа Неговата облека и Го поведоа да Го распнат.
21. И го натераа еден минувач, некој си Симон Киринеец, таткото на Александар и на Руф, кој се враќаше од поле, да Му го носи крстот.
22. Па Го доведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи.
23. И Му дадоа да пие вино со смирна, но Тој не зеде.
24. И откако Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка за нив, кој што да земе.
25. Беше третиот час, и Го распнаа.