52. Но тој, кога го остави платништето, побегна од нив необлечен.
53. И Го доведоа Исуса кај првосвештеникот, и се собраа таму сите првосвештеници, старешини и книжници.
54. А Петар врвеше по Него оддалеку, сѐ до внатре, во дворот на првосвештеникот; па седна со слугите и се грееше на огнот.
55. Првосвештениците и целиот Синедрион бараа сведоштва против Исуса, за да Го убијат, и не наоѓаа.
56. Зашто мнозина лажно сведочеа против Него, но тие сведоштва не се сложуваа.
57. И станаа некои, па сведочеа лажно против Него, велејќи:
58. „Чувме кога Тој говореше: ‚Ќе го урнам овој ракотворен храм и по три дни ќе соѕидам друг, неракотворен.‘“
59. Но ниту тоа нивно сведочење не беше еднакво.
60. И првосвештеникот, откако застана на средина, Го праша Исуса говорејќи: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?“
61. Но Тој молчеше и ништо не одговараше. Првосвештеникот пак Го праша и Му рече: „Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?“
62. Исус рече: „Јас сум; и ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на Силата и како доаѓа на облаците небески.“
63. А првосвештеникот ја раскина облеката своја и рече: „Зошто ни се повеќе сведоци?
64. Чувте како хули на Бога; што мислите?“ И сите тие Го осудија дека заслужува смрт.
65. А некои почнаа да плукаат на Него, да Му го покриваат лицето, да Го удираат и да Му велат: „Проречи!“ И слугите Го удираа по образите.
66. Кога Петар беше долу во дворот, дојде една од слугинките на првосвештеникот,
67. па, штом го виде Петар како се грее, го погледна и рече: „И ти беше со Исус од Назарет.“
68. Но тој одрече, велејќи: „Не знам, ниту разбирам што говориш.“ И излезе надвор пред дворот и запеа петел.
69. Слугинката, кога го виде повторно, почна да им зборува на оние што стоеја таму: „И овој е од нив!“