22. Ја зедоа сите седуммина, и не оставија пород. По нив умре и жената.
23. При воскресението, пак, кога ќе воскреснат, на кого од нив таа ќе биде жена? Зашто седуммина ја имаа како жена.“
24. А Исус им одговори и рече: „Зар не се лажете, бидејќи не ги познавате ниту Писмата, ниту силата Божја?
25. Зашто, кога ќе воскреснат од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку се како ангели на небесата.
26. А за мртвите, дека ќе воскреснат, не сте ли читале во книгите на Мојсеј, како му рече Бог кај капината, велејќи: ‚Јас сум Бог Авраамов, и Бог Исаков, и Бог Јаковов‘?
27. Но Тој не е Бог на мртвите, туку Бог на живите. Вие, пак, многу се лажете!“
28. Тогаш пристапи еден од книжниците, кој ги слушаше како се препираат и откако виде дека Исус им одговараше добро, Го запраша: „Која е прва од сите заповеди?“
29. А Исус му одговори: „Прва од сите заповеди е: ‚Чуј Израиле! Господ, Бог наш, е еден Господ.
30. Затоа, возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!‘ Ова е првата заповед.
31. А втората е слична на неа: ‚Возљуби го својот ближен како себеси!‘ Друга заповед, поголема од овие, нема.“
32. Книжникот Му рече: „Добро, Учителе. Право кажа дека Бог е еден, и дека нема друг, освен Него;
33. и дека, да Го љубиш со сето срце, и со сиот разум, и со сета своја душа, и со сета сила, и да го љубиш ближниот свој како себеси е повеќе од сите сепаленици и жртви.“
34. Исус, пак, кога виде дека умно одговори, му рече: „Не си далеку од царството Божјо.“ И никој повеќе не се осмелуваше да Го прашува.
35. И кога одговараше Исус, поучувајќи во храмот, рече: „Како тоа книжниците велат дека Христос е син Давидов,
36. кога самиот Давид кажа преку Светиот Дух: ‚Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна, додека не ги положам Твоите непријатели за подножје на нозете Твои!‘
37. И така, сам Давид Го нарече Господ; од каде тогаш да Му е Тој син?“ И многу народ Го слушаше со задоволство.
38. И им рече потоа во Својата поука: „Чувајте се од книжниците, кои сакаат да одат во долги облеки и да ги поздравуваат по улиците,
39. да имаат предни седишта во синагогите, како и први места на гозбите.
40. Тие, што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат, ќе бидат потешко осудени.“
41. Па седна Исус спроти ризницата и гледаше како народот пушта пари во неа. Мнозина богати пуштаа многу.