1. И почна да им говори во параболи: „Еден човек насади лозје и го загради со ограда, па ископа бунар и соѕида кула; и им го предаде на лозарите, и си отиде.
2. А кога дојде времето, испрати кај лозарите слуга, за да го прибере од нив родот на лозјето.
3. Но тие го фатија слугата, го натепаа и го испратија со празни раце.
4. И пак испрати кај нив друг слуга; и го нападнаа со камења и му ја расцепија главата, па го пратија посрамен.
5. Испрати и друг; него, пак го убија; и мнозина други, едните ги натепаа, другите ги убија.
6. А имаше уште еден син, кој му беше возљубен; па, го испрати најпосле него кај нив, велејќи: ‚Ќе се засрамат од сина ми.‘
7. Но лозарите си рекоа меѓу себе: ‚Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше!‘
8. И го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето.
9. Што ќе направи, пак, господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе го даде на други.
10. Зар не сте го читале ова во Писмото: ‚Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник.‘
11. Од Господ е тоа, и чудесно е во очите наши.“
12. И сакаа да Го фатат, но се уплашија од народот, зашто разбраа дека за нив ја кажа параболата па откако Го оставија, и си отидоа.
13. А пратија кај Него некои од фарисеите и од Иродовците, за да Го фатат на збор.
14. Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си вистинит и дека не се плашиш од никого, зашто не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји. Треба ли да му се дава данок на царот или не? Да даваме ли, или да не даваме?“
15. А Тој, знаејќи ја нивната лицемерност, им рече: „Зошто ме искушувате? Донесете ми еден денариј да го видам!“
16. И тие донесоа. Па им рече: „Чиј е овој лик и натпис?“ Му рекоа: „На царот.“
17. Тогаш Исус им одговори и рече: „Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!“ И тие Му се восхитуваа.