8. И мнозина ги постилаа своите облеки по патот. А други, пак, сечеа гранчиња од дрвјата и ги постилаа по патот.
9. А оние, што одеа пред Него и по Него, викаа и велеа: „Осана! Благословен е Оној што доаѓа во името Господово!
10. Благословено е царството на нашиот татко Давид, кое иде во името Господово! Осана во висините!“
11. И влезе Исус во Ерусалим, во храмот, разгледа сѐ, па, бидејќи веќе беше доцна, излезе и отиде со дванаесетмината во Витанија.
12. А утредента, кога излегоа од Витанија, Тој огладне;
13. и откако оддалеку виде една смоква, покриена со лисја, се приближи, не би ли нашол нешто на неа; но, кога се доближи до неа, не најде ништо освен лисја, зашто уште не беше времето за смокви.
14. И проговори Исус и ѝ рече: „Отсега никој довека да не вкуси плод од тебе!“ И го чуја тоа учениците Негови.
15. И пак дојдоа во Ерусалим. И откако влезе Исус во храмот, почна да ги брка оние, што продаваа и купуваа во храмот, и им ги преврте масите на менувачите на пари и столовите на оние, што продаваа гулаби;
16. и не дозволуваше никој преку храмот да пренесе каков и да било сад.
17. И ги поучуваше, велејќи: „Не е ли напишано: ‚Домот Мој, дом за молитва на сите народи ќе се нарече‘? А вие од него направивте разбојничко гнездо!“
18. И кога го чуја тоа книжниците и првосвештениците, гледаа како да Го погубат, бидејќи се плашеа од Него, зашто сиот народ се восхитуваше на Неговото учење.
19. А кога се стемни, Тој излезе надвор од градот.
20. Утредента, минувајќи, ја видоа смоквата исушена откорен.
21. И кога се сети, Петар Му рече: „Рави, погледај! Смоквата, што ја проколна, се исушила!“
22. А Исус им одговори и рече:
23. „Имајте вера во Бога. Зашто, вистина ви велам, ако некој ѝ рече на оваа планина: ‚Дигни се и фрли се в море!‘ и не се посомнева во срцето свое, туку поверува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже.
24. Затоа ви велам: сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете – и ќе ви биде.
25. И кога стоите на молитва, простувајте, ако имате нешто против некого, па и вашиот Отец, Кој е на небесата, да ви ги прости вашите грешки.