21. И кога се сети, Петар Му рече: „Рави, погледај! Смоквата, што ја проколна, се исушила!“
22. А Исус им одговори и рече:
23. „Имајте вера во Бога. Зашто, вистина ви велам, ако некој ѝ рече на оваа планина: ‚Дигни се и фрли се в море!‘ и не се посомнева во срцето свое, туку поверува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже.
24. Затоа ви велам: сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете – и ќе ви биде.
25. И кога стоите на молитва, простувајте, ако имате нешто против некого, па и вашиот Отец, Кој е на небесата, да ви ги прости вашите грешки.
26. Ако ли, пак, вие не простувате, и вашиот Отец, Кој е на небесата, нема да ви ги прости грешките ваши.“
27. И пак дојдоа во Ерусалим; а кога одеше низ храмот, пријдоа до Него првосвештениците, книжниците и старешините,
28. па Му рекоа: „Со каква власт го правиш тоа? Или, кој Ти ја дал таа власт, да го правиш ова?“
29. Исус им одговори и рече: „Ќе ве прашам и Јас за нешто и одговорете Ми, а потоа и Јас ќе ви кажам, со каква власт го вршам ова.
30. Крштевањето Јованово од небото ли беше, или од луѓето? Одговорете Ми!“
31. А тие си мислеа во себе и велеа: „Ако кажеме ‚Од небото‘ – ќе рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘
32. Но, ако кажеме, ‚Од луѓето‘“ – се плашеа од народот; зашто сите го сметаа Јован за вистински пророк.
33. И одговарајќи Му на Исус, рекоа: „Не знаеме.“ А Исус им одговори и рече: „Ниту јас не ви кажувам, со каква власт го вршам ова.“