Марко 11:20-33 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

20. Утредента, минувајќи, ја видоа смоквата исушена откорен.

21. И кога се сети, Петар Му рече: „Рави, погледај! Смоквата, што ја про­колна, се исушила!“

22. А Исус им одговори и рече:

23. „Имајте вера во Бога. Зашто, вистина ви велам, ако некој ѝ рече на оваа планина: ‚Дигни се и фрли се в море!‘ и не се посомнева во срцето свое, туку по­ве­рува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже.

24. Затоа ви велам: сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете – и ќе ви биде.

25. И кога стоите на молитва, прос­ту­вај­те, ако имате нешто против некого, па и вашиот Отец, Кој е на небесата, да ви ги прос­ти вашите грешки.

26. Ако ли, пак, вие не простувате, и вашиот Отец, Кој е на небесата, нема да ви ги прости грешките ваши.“

27. И пак дојдоа во Ерусалим; а кога одеше низ храмот, пријдоа до Него првосвештениците, книжниците и старешините,

28. па Му рекоа: „Со каква власт го правиш тоа? Или, кој Ти ја дал таа власт, да го правиш ова?“

29. Исус им одговори и рече: „Ќе ве прашам и Јас за нешто и одговорете Ми, а потоа и Јас ќе ви кажам, со каква власт го вршам ова.

30. Крштевањето Јованово од небото ли беше, или од луѓето? Одговорете Ми!“

31. А тие си мислеа во себе и велеа: „Ако кажеме ‚Од небото‘ – ќе рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘

32. Но, ако кажеме, ‚Од луѓето‘“ – се плашеа од народот; зашто сите го сме­таа Јован за вистински пророк.

33. И одговарајќи Му на Исус, рекоа: „Не знаеме.“ А Исус им одговори и ре­че: „Ниту јас не ви кажувам, со каква власт го вршам ова.“

Марко 11