Марко 1:21-33 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

21. И дојдоа во Капернаум; и веднаш во саботата Тој влезе во синагогата и поучуваше.

22. И се чудеа на Неговата наука, зашто Тој ги учеше како Оној што има власт, а не како книжниците.

23. Имаше во синагогата нивна човек со нечист дух, и извика,

24. говорејќи: „Што имаш Ти со нас, Исусе од На­зарет! Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам Кој си Ти, Светец Божји!“

25. Но Исус му заповеда, велејќи: „Замолкни и излези од него!“

26. Тогаш го стресе нечистиот дух, па извика со силен глас и излезе од него.

27. И се ужаснаа сите, така што еден со друг се прашуваа и велеа: „Што е ова!? И какво е ова ново учење, што со власт и на нечистите духови им заповеда, и тие Му се покоруваат!“

28. И веднаш се разнесе глас за Него по целиот Галилејски крај.

29. Штом излегоа од синагогата, дојдоа со Јаков и Јован во куќата на Симон и Андреј.

30. А тештата на Симон лежеше од треска; и веднаш Му јавија за неа.

31. Тој пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската веднаш ја остави; и таа им служеше.

32. А приквечер, кога заоѓаше сонцето, кај Него донесуваа секакви болни и бесомачни.

33. И целиот град се беше собрал пред портата.

Марко 1