38. И ете, некој од народот извика: „Учителе, Ти се молам, погледни на мојот син, зашто ми е единец!
39. Духот одненадеж го зграпчува и ете, тој почнува да вриска. Го растргнува толку силно, што тој се запенува, и откако многу ќе го измачи, одвај го пушта.
40. Ги помолив учениците Твои да го истераат, но тие не можеа.“
41. Одговори Исус и рече: „О, роде безверен и развратен! До кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го синот твој тука!“
42. И додека тој уште приоѓаше, злиот дух го кутна и почна да го тресе. Но Исус му заповеда на нечистиот дух и го излекува момчето и го предаде на татко му.
43. И сите беа вчудовидени од Божјото величие. И додека сите се восхитуваа на сѐ што правеше Исус, Тој им рече на учениците Свои:
44. „Ставете ги во ушите свои овие зборови: ‚Синот Човечки ќе биде предаден во рацете на луѓето.‘“
45. Но тие не го разбраа овој говор, зашто беше прикриен од нив за да не го разберат, а се плашеа да Го прашаат за значењето на овој говор.
46. И им дојде мисла: кој од нив е најголем.
47. А Исус, знаејќи ја мислата на нивните срца, зеде едно дете и го постави покрај Себе,
48. па им рече: „Кој го прима ова дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, го прима Оној што Ме пратил; зашто кој е најмал меѓу вас, тој е голем.“
49. Проговори Јован и рече: „Учителе, видовме еден човек, кој во Твое име истерува демони, па му забранивме, бидејќи не оди со нас.“
50. Исус му рече: „Не забранувајте му! Зашто, кој не е против вас, тој е со вас.“
51. А кога се навршуваа деновите на неговото воздигнување, Тој одлучи да тргне на пат за Ерусалим;
52. и испрати пред себе гласници; тие отидоа и влегоа во едно самарјанско село да подготват за Него.
53. Но не Го примија, зашто имаше изглед на патник што оди во Ерусалим.
54. Кога го видоа тоа учениците Негови, Јаков и Јован, рекоа: „Господи, сакаш ли да кажеме да падне оган од небото и да ги истреби, како што направи и Илија?“
55. Но Тој се сврте кон нив и ги укори и рече: „Не знаете од каков дух сте вие,
56. зашто Синот Човечки дојде, не да погубува човечки души, туку да ги спаси.“ И отидоа во друго село.
57. А додека тие патуваа, некој Му рече: „Господи, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.“