22. велејќи дека Синот Човечки треба да пострада многу, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците и дека ќе биде убиен, и дека на третиот ден ќе воскресне.
23. А на сите им зборуваше: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека ме последува!
24. Зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби животот свој заради Мене, тој ќе го спаси.
25. Зашто, каква му е ползата на човека, ако го добие целиот свет, а себе самиот се упропасти или си направи штета?
26. Бидејќи, кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се засрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ангели.
27. Вистина ви велам: овде стојат некои што не ќе вкусат смрт, сѐ додека не го видат царството Божјо.“
28. А околу осум дена по овие зборови, ги зеде со Себе Петар, Јован и Јаков, и се искачи на гората да се помоли.
29. И додека се молеше, изгледот на лицето Негово се промени, а облеката Му стана бела и блескава.
30. И ете, двајца луѓе разговараа со Него; а тие беа Мојсеј и Илија.
31. Па, кога се појавија во слава, тие зборуваа за Неговото заминување, кое требаше да заврши во Ерусалим.