Лука 9:19-33 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

19. Тие одговорија и рекоа: „Едни дека си Јован Крстител, други Илија, а некои, пак, дека воскреснал еден од старите пророци.“

20. Тој им рече: „А вие, што велите, Кој сум Јас?“ Петар одговори и рече: „Христос Божји.“

21. А Тој строго им заповеда никому да не кажуваат за тоа,

22. велејќи дека Синот Човечки треба да пострада многу, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците и дека ќе биде убиен, и дека на третиот ден ќе воскресне.

23. А на сите им зборуваше: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека ме последува!

24. Зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби животот свој заради Мене, тој ќе го спаси.

25. Зашто, каква му е ползата на човека, ако го добие целиот свет, а себе самиот се упропасти или си направи штета?

26. Бидејќи, кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се засрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ангели.

27. Вистина ви велам: овде стојат некои што не ќе вкусат смрт, сѐ додека не го видат царството Божјо.“

28. А околу осум дена по овие зборови, ги зеде со Себе Петар, Јован и Јаков, и се искачи на гората да се помоли.

29. И додека се молеше, изгледот на лицето Негово се промени, а облеката Му стана бела и блескава.

30. И ете, двајца луѓе разговараа со Него; а тие беа Мојсеј и Илија.

31. Па, кога се појавија во слава, тие зборуваа за Неговото заминување, кое требаше да заврши во Ерусалим.

32. А Петар и оние кои беа со него ги беше совладал сон; но штом се разбудија, ја видоа славата Негова, и двајцата што стоеја со Него.

33. И кога се разделуваа од Него, Петар без да знае што зборува, Му рече на Исус: „Учителе, добро е да останеме овде; да направиме три колиби: за Тебе една, за Мојсеј една, и за Илија една!“

Лука 9