15. И направија така, и ги поредија сите.
16. А Тој, кога ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги раскрши и им ги даде на учениците за да ги стават пред народот.
17. И јадеа, и се наситија сите; и кренаа од останатите парчиња дванаесет кошеви.
18. Еднаш, кога Исус се молеше сам, а само учениците Негови беа со Него, Тој ги праша: „Што вели народот, Кој сум Јас?“
19. Тие одговорија и рекоа: „Едни дека си Јован Крстител, други Илија, а некои, пак, дека воскреснал еден од старите пророци.“
20. Тој им рече: „А вие, што велите, Кој сум Јас?“ Петар одговори и рече: „Христос Божји.“
21. А Тој строго им заповеда никому да не кажуваат за тоа,
22. велејќи дека Синот Човечки треба да пострада многу, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците и дека ќе биде убиен, и дека на третиот ден ќе воскресне.
23. А на сите им зборуваше: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека ме последува!
24. Зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби животот свој заради Мене, тој ќе го спаси.
25. Зашто, каква му е ползата на човека, ако го добие целиот свет, а себе самиот се упропасти или си направи штета?
26. Бидејќи, кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се засрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ангели.
27. Вистина ви велам: овде стојат некои што не ќе вкусат смрт, сѐ додека не го видат царството Божјо.“