24. Пристапија и Го разбудија, говорејќи: „Учителе, Учителе, загинуваме!“ А Тој, штом се разбуди, им заповеда на ветрот и на водните бранови; и тие се смирија и настана тишина.
25. И им рече: „Каде е верата ваша?“ А тие се уплашија и се чудеа, велејќи си еден на друг: „Кој е Овој што и на ветровите и на водата им заповеда и Го слушаат?“
26. И пристигна во Гадаринскиот крај, спроти Галилеја.
27. А кога излезе Тој на суво, Го сретна еден човек од градот, кој беше обземен од демони и долго време не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку во гробовите.
28. Кога Го виде Исус, викајќи падна пред Него, и гласно рече: „Што сакаш од мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!“
29. А Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот, зашто долго време го мачеше. Го чуваа во окови, и со ланци го врзуваа, но тој ги раскинуваше оковите и демонот го тераше да оди во пусти места.
30. А Исус го праша, велејќи: „Како ти е името?“ Тој одговори: „Легион“, зашто многу демони беа влегле во него.
31. И Го молеа Исус да не им наредува да одат во бездната.
32. А таму, по ридот, пасеше големо крдо свињи; па Го молеа да им допушти да влезат во нив. И им допушти.
33. И откако излегоа лошите духови од човекот, влегоа во свињите; и крдото јурна низ стрмнината во езерото и се удави.
34. Свињарите, кога видоа што се случи, избегаа и раскажаа по градот и селата.
35. И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исус, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се исплашија.
36. А оние што беа виделе, им раскажаа како се излечи бесомачниот.
37. Сиот народ од Гадаринскиот крај Го замоли да си оди од нив; зашто ги беше опфатил голем страв. И Тој влезе во коработ и се врати.
38. Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи: