9. И Го одведе во Ерусалим, и Го постави на стреата од храмот, па Му рече: „Ако си Син Божји, фрли се одовде долу!
10. Зашто е напишано: ‚На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе да Те зачуваат;
11. и на раце ќе Те земат, да не си ја сопнеш ногата Своја на камен.‘“
12. И Исус му одговори и рече: „Кажано е: ‚Не искушувај Го Господ, својот Бог!‘“
13. Па откако ѓаволот заврши со сите искушенија, се оддалечи од Него за некое време.
14. И се врати Исус во Галилеја во силата на Духот; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај.
15. А Тој поучуваше во нивните синагоги, и сите Го прославуваа.
16. И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и по обичајот Свој влезе еден саботен ден во синагогата, и стана да чита.
17. Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Тој, штом ја отвори, го најде местото каде што беше напишано:
18. „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза да им соопштам радосна вест на сиромашните. Ме прати да ги исцелам оние со скрушено срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените;
19. да ја проповедам благопријатната година Господова!“
20. Потоа ја затвори книгата, му ја даде на прислужникот, и седна; а очите на сите во синагогата беа вперени во Него.
21. И почна да им говори: „Денес се исполни ова Писмо што го чувте.“
22. И сите Му посведочија и се восхитуваа на Неговите благодатни зборови што излегуваа од устата Негова и велеа: „Не е ли Овој синот на Јосиф?“