14. И се врати Исус во Галилеја во силата на Духот; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај.
15. А Тој поучуваше во нивните синагоги, и сите Го прославуваа.
16. И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и по обичајот Свој влезе еден саботен ден во синагогата, и стана да чита.
17. Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Тој, штом ја отвори, го најде местото каде што беше напишано:
18. „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза да им соопштам радосна вест на сиромашните. Ме прати да ги исцелам оние со скрушено срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените;
19. да ја проповедам благопријатната година Господова!“
20. Потоа ја затвори книгата, му ја даде на прислужникот, и седна; а очите на сите во синагогата беа вперени во Него.
21. И почна да им говори: „Денес се исполни ова Писмо што го чувте.“
22. И сите Му посведочија и се восхитуваа на Неговите благодатни зборови што излегуваа од устата Негова и велеа: „Не е ли Овој синот на Јосиф?“
23. А Тој им рече: „Некој од вас сигурно ќе Ми приговори со оваа изрека: ‚Лекаре, излекувај се Сам! Направи го и овде, во Твојот роден крај, она што чувме дека се случило во Капернаум.‘“
24. Па им рече: „Вистина ви велам: ниеден пророк не е омилен во својата татковина.
25. Навистина ви кажувам: имаше многу вдовици во Израил, во времето на Илија, кога се затвори небото три години и шест месеци и настана голем глад по целата земја;