Лука 4:12-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

12. И Исус му одговори и рече: „Кажано е: ‚Не искушувај Го Господ, својот Бог!‘“

13. Па откако ѓаволот заврши со сите искушенија, се оддалечи од Него за некое време.

14. И се врати Исус во Галилеја во силата на Духот; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај.

15. А Тој поучуваше во нивните синагоги, и сите Го прославуваа.

16. И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и по обичајот Свој влезе еден саботен ден во синагогата, и стана да чита.

17. Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Тој, штом ја отвори, го најде местото каде што беше напишано:

18. „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза да им соопштам радосна вест на сиромашните. Ме прати да ги исцелам оние со скрушено срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените;

19. да ја проповедам благопријатната година Господова!“

20. Потоа ја затвори книгата, му ја даде на прислужникот, и седна; а очите на сите во синагогата беа вперени во Него.

21. И почна да им говори: „Денес се исполни ова Писмо што го чувте.“

22. И сите Му посведочија и се восхитуваа на Неговите благодатни зборови што излегуваа од устата Негова и велеа: „Не е ли Овој синот на Јосиф?“

23. А Тој им рече: „Некој од вас сигурно ќе Ми приговори со оваа изрека: ‚Лекаре, излекувај се Сам! Направи го и овде, во Твојот роден крај, она што чувме дека се случило во Капернаум.‘“

24. Па им рече: „Вистина ви велам: ниеден пророк не е омилен во својата татковина.

25. Навистина ви кажувам: имаше многу вдовици во Израил, во времето на Илија, кога се затвори небото три години и шест месеци и настана голем глад по целата земја;

26. и кај ниедна од нив не беше пратен Илија, но само кај една жена вдовица во Сарепта Сидонска;

27. и имаше мнозина лепрозни во Израил во времето на пророкот Елисеј, но ниеден од нив не се очисти, освен Сириецот Нееман.“

28. А кога го слушнаа тоа, сите во синагогата се исполнија со гнев;

29. па станаа, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот од еден рид, каде што беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора.

Лука 4