23. Но тие настојуваа со голем вик и бараа Тој да биде распнат; и надвладеа нивниот вик и оној на првосвештениците.
24. И Пилат одлучи да го исполни нивното барање,
25. па им го пушти затвореникот кој беше во темница заради бунт и убиство, оној за кого бараа; и Исус им го предаде на нивната волја.
26. И кога Го поведоа, Го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од нива, и му го ставија крстот, за да го носи по Исуса.
27. А по Него одеа многу луѓе и жени, кои плачеа и ридаа за Него.
28. Но Исус, кога се заврте кон нив, им рече: „Ќерки ерусалимски, не плачете за Мене, туку плачете за себе и за своите деца;
29. зашто, ете, се приближуваат деновите кога ќе се рече: ‚Блазе на неплодните и на утробите што не родиле и на градите што не доеле!‘
30. Тогаш ќе почнат да им велат на планините: ‚Паднете врз нас‘, и на ридиштата, ‚покријте нѐ!‘
31. Зашто, кога ова го прават со зеленото дрво, што ќе биде тогаш со сувото?“
32. Водеа и двајца злосторници, за да ги погубат со Него.
33. И кога дојдоа на местото, наречено Черепница, Го распнаа таму Него и злосторниците, едниот оддесно, а другиот одлево.
34. А Исус рече: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават!“ И кога го делеа облеклото Негово, фрлија ждрепка.
35. А народот стоеше и гледаше; а и старешините се потсмеваа со Него велејќи: „Други спаси, нека Се спаси и Сам, ако е Тој Христос, избраникот Божји!“