Лука 21:21-38 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

21. Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините; и кои се во градот, да излезат од него; а кои се по околните места, нека не влегуваат во него,

22. зашто тоа е времето на одмазда, во кое ќе се исполни сѐ што е напишано.

23. Но тешко на бремените и доилките во тие дни, зашто голема мака ќе има по земјата, и гнев врз овој народ;

24. и ќе паднат од сечилото на мечот, и ќе бидат одведени во ропство меѓу сите народи; а Ерусалим ќе го газат незнабошци, сѐ додека не се исполнат времињата на незнабошците.“

25. „И ќе има знаци на сонцето, и на месечината и на ѕвездите, а на земјата – тага кај народите од неизвесноста и од бучењето на морето, и од брановите;

26. луѓето ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто и силите небесни ќе бидат разнишани.

27. И тогаш ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на облаци, со голема сила и слава.

28. А кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето избавување.“

29. И им ја кажа оваа парабола: „Погледнете ја смоквата и сите дрвја;

30. кога ќе видите дека потеруваат, сами знаете дека летото е веќе близу.

31. Па така, кога ќе видите дека станува ова, знајте дека се приближи царството Божјо.

32. Вистина ви велам, нема да помине овој род, додека не се исполни сето тоа.

33. Небото и земјата ќе минат, но зборовите Мои нема да минат.“

34. „Само пазете се: вашите срца да не бидат натежнати од прејадување и пијанство, и тегобни грижи за овој живот, за да не ве затекне оној ден ненадејно;

35. зашто тој ќе дојде како стапица за сите што живеат по целата земја;

36. бидете будни во секое време и молете се, за да се удостоите да го избегнете сето она што треба да се случи и да застанете пред Синот Човечки!“

37. Дење Тој беше во храмот и поучуваше, а ноќе излегуваше и ноќеваше во гората наречена Маслинова.

38. И сиот народ доаѓаше наутро кај Него во храмот, за да Го слуша.

Лука 21