Лука 2:22-40 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

22. И кога се навршија деновите за нивното очистување, според законот на Мојсеј, Го донесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господ,

23. како што е напишано во Законот Господов дека секое првородено машко дете треба да Му се посвети на Господ;

24. и да се принесе жртва, како што е речено во Законот Господов, две гугутки или две гулапчиња.

25. А во Ерусалим имаше тогаш еден човек по име Симеон; и тој човек, кој беше праведен и благочестив, ја очекуваше утехата Израилева; и Светиот Дух беше на него.

26. Нему Светиот Дух му беше открил дека нема да види смрт, додека не Го види Христос Господов.

27. И поттикнат од Духот, дојде во храмот. Па, кога родителите Го донесоа детето Исус за да го извршат со Него она што беше вообичаено, според Законот,

28. тој Го зеде во своите раце, Го благослови Бога и рече:

29. „Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Господаре, според зборот Твој,

30. зашто очите мои го видоа спасението Твое

31. што си го приготвил пред лицето на сите народи;

32. светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израил.“

33. А Јосиф и мајка Му се восхитуваа на она што зборуваше за Него.

34. Па ги благослови Симеон и ѝ рече на Марија, мајката Негова: „Еве, Овој е поставен за паѓање и издигнување на мнозина во Израил, и е знак против Кого ќе се говори.

35. А и тебе самата, меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца.“

36. Таму беше и пророчицата Ана, ќерката Фануилова, од Асировото племе. Таа беше во поодминати години, а со мажот проживеала само седум години, по моминството свое.

37. Таа беше вдовица на околу осумдесет и четири години. Не се оддалечуваше од храмот и Му служеше на Бога со пост и молитва, дење и ноќе.

38. Во тој час пристапи и таа и почна да Го слави Господ и им говореше за Него на сите што очекуваа избавување во Ерусалим.

39. И кога извршија сѐ по Законот Господов, се вратија во Галилеја, во градот свој Назарет.

40. А Младенецот растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со мудрост; и благодатта Божја беше врз Него.

Лука 2