Лука 2:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Во тоа време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители.

2. Тоа беше прв попис за време на управувањето на Квириниј со Сирија.

3. И одеа сите да се запишат, секој во својот град.

4. Па така и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет, отиде во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово,

5. за да се запише со Марија, неговата свршеница, која беше зачнала.

6. А кога беа таму, нејзе ѝ дојде времето да роди.

7. Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата.

8. Во тој крај имаше пастири, кои престојуваа во полето и чуваа стража ноќе кај своето стадо.

9. И ете, ангел Господов застана меѓу нив и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу.

10. А ангелот им рече: „Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе;

11. зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ;

12. Ова ќе ви биде знак: ќе најдете повиен Младенец, кој лежи во јасли.“

13. И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи:

14. „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“

15. Кога си отидоа ангелите од нив на небо, пастирите си рекоа меѓу себе: „Да појдеме во Витлеем и да го видиме тоа што се случило, што ни го соопшти Господ.“

16. И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосиф со Младенецот кој лежеше во јасли.

Лука 2